Општина Прилеп догодина ќе биде подготвена за да ја отпочне гасификацијата на градот под Марковите Кули. Идејниот проект, проектот за инфраструктура и основниот проект за изградба на дистрибутивната гасоводна мрежа, заедно со ревизијата на оваа документација, ќе бидат изработени во следните 12 месеци, со што ќе се отвори можноста за изведба на мрежата за дистрибуција на природен гас до крајните потрошувачи.
Локалните власти процениле дека подготовката на комплетната документација ќе ги чини 10 милиони денари, со вклучен ДДВ. Идните проектанти најпрво е зацртано да ги изработат идејниот проект и проектот за инфраструктура, по што би следела разработката на основниот проект. Општина Прилеп утврдила дека дистрибутивната гасоводна мрежа би била долга околу 20 километри, додека идните корисници би се снабдувале со природен гас преку магистралниот гасовод Неготино – Битола, којшто во моментов се изведува на терен.
Од идниот магистрален гасовод за Прилеп ќе бидат на располагање 24.000 метри кубни гас на час. Локалните власти веќе побараа од компаниите да достават свои прогнози за количествата на природен гас што ќе треба да им бидат обезбедени, а општина Прилеп одржа и средби со стопанствениците од градот. Изградбата на дистрибутивната мрежа во Прилеп е предвидено да чини 4 милиони евра. Општинските власти до 25 март ќе ги очекуваат понудите на заинтересираните проектанти, по што ќе се избере фирмата што ќе ги изработува идејниот проект, проектот за инфраструктура и основниот проект.