Првата македонска фабрика за преработка на комунален отпад ќе се гради во рамките на прилепската депонија кај селото Алинци. Локалната самоуправа од Прилеп потпиша договор со прилепската компанија „Изофас“ за изведба на челичната конструкција, столбовите, рам конструкцијата, покривот и лимарските работи на идниот објект. Неговата изградба ќе се одвива во наредните 12 месеци и истата треба да заврши до јуни 2014 година. За реализација на изведбените активности, локалната власт на фирмата ќе и исплати 7.876.567 денари или околу 130 илјади евра. Општина Прилеп веќе ја набави опремата за секундарна селекција на отпадот во вредност од 15 милиони денари од хрватската компанија „Техникс“.
Со реализација на проектот, во фабриката дневно ќе се преработуваат околу 150 тони отпад, кои ќе се селектираат во околу 20 различни материјали. Отпадот понатаму ќе се продава на заинтересираните компании, со што ќе се оствари финансиски бенефит и ќе се отстрани дел од постоечкиот отпад на прилепската депонија. Во понатамошниот период е предвидено да се изгради и погон за производство на арско ѓубриво, кое ќе се добива преку преработка на органскиот дел од комуналниот отпад. Прилеп е една од првите македонски општини што веќе го реализираа проектот за рециклирање на отпадот од самите граѓани.