Претходна статија
Тетово со потпорни ѕидови ќе се штити од идни поплави од Шара
Следна статија
Град Скопје објави повик за доделување субвенции за печки на пелети

Презентирана Националната транспортна стратегија 2018-2030

Објавено на 18.01.2019 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Македонскиот главен град до 2030 година треба да добие железничка врска од Транспортниот центар до Меѓународниот аеродром Скопје. Воведувањето на новата железничка линија е само еден од проектите што се вметнати во Националната Транспортна Стратегија 2018-2030 година, која што денеска ја презентираше министерот за транспорт и врски Горан Сугарески. Стратешкиот документ опфаќа имплементационен план во кој се опфатени 104 активности со проценет буџет од околу 4,2 милијарди евра, кои треба да почнат да се реализираат во периодот до 2030 година.

 

*Од центарот на Скопје со воз во иднина ќе се патува до меѓународниот аеродром

 

Стратегијата се заснова на четири цели, кои со реализацијата на предвидените проекти ќе овозможат намалување на бројот на смртни случаи во транспортот за 50% до 2030 година, намалување на емисиите на стакленички гасови за 18,6% до 2030 година, подобрување на економската одржливост на национално ниво и завршување на патната и железничката инфраструктура на Пан-европските коридори и европските рути.

 

Покрај изградбата на директна железничка врска до скопскиот аеродром, државата планира до 2030 година да ги реализира проектите за изградба на автопатите Скопје-Блаце, Гостивар-Кичево, Кичево-Охрид, Струмица-граница со Бугарија и Крива Паланка-граничен премин Деве Баир. Воедно, во стратешкиот документ е предвидено да се реконструира патниот Коридор 10 и да се надградат регионалните патишта Куманово-Страцин и Струга-Ќафасан. Во претстојната деценија е зацртано да се реализира во целост патниот Коридор 10д, кој на потегот од Градско до граничниот премин Меџитлија кај Битола би бил надграден на ниво на експресен пат.

 

Во делот на железницата, стратешкиот документ предвидува до 2030 година да биде функционална пругата меѓу Македонија и Бугарија преку преминот Деве Баир, но и да се изгради железничката траса од Кичево до албанскиот град Лин. Националната Транспортна Стратегија вклучува и активности за реконструкција на пругата од Скопје до граничниот премин Блаце. Меѓу останатите позначајни проекти што треба да се реализираат до 2030 година, вклучени се идниот заеднички граничен премин Табановце на Македонија и Србија, поставување на заштитна ограда долж автопатот на Коридорот 10, развој на урбаниот транспорт во градовите со посебен фокус на „зелениот транспорт“ и изградба на мултимодален јазол во источните предградија на Скопје, каде ќе се вкрстат сите три видови на транспорт на едно место.

 

„Ова е документ што ги дефинира стратешките политики во развој на транспортниот систем во земјава. Проектите што се опфатени во стратегијата ќе се реализираат согласно приоритетите на владата“, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.