Претходна статија
Се решава горливиот проблем со инфраструктурниот катастар
Следна статија
ТЕМА: Аеродромите во Белград, Скопје и Атина со најголем раст на Балканот

Претставена фудбалската Академија што ќе се гради во Градски парк

Објавено на 06.02.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Три фудбалски игралишта, шест соблекувални, предавална за теориска настава на деца, канцеларии за академијата и за фудбалскиот клуб, фан-шоп на ФК Вардар и кафетерија. Ова се планираните содржини на идната фудбалска Академија за деца до 12 години во Градскиот парк. Од компанијата „СИС Балкан“ денеска излегоа со информации за тоа што ќе се гради на атрактивната парцела со површина од 14.100 метри квадратни. Идејното решение за спортскиот комплекс веќе е изработено и истото е дело на архитект Тања Добровотски. Објектот ќе го гради фирмата „Балкан констракшн груп“, која исто така е во сопственост на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко.

 

 

 

Инвеститорите денеска излегоа и со реакција на вчерашните изјави на градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски. Од „СИС Балкан“ велат дека ако Жерновски успее за еден месец да пронајде друг инвеститор, кој во изградба на објектот ќе вложи два милиони евра, а во купување на парцелата 550.000 евра, тие ќе се повлечат, додека во знак на добра волја бесплатно ќе му го дадат веќе изработеното идејно решение за изгледот на спортската академија. Во овој случај, компанијата ќе побара друга локација на која ќе тренираат децата од овој фудбалски клуб.

 

 

 

Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски вчера искажа незадоволство од ниската цена за продажба на градежното земјиште во Градскиот парк, кое се отуѓи за 2.420 денари или за 40 евра по метар квадратен. Тој побара да се исполни должноста на државата за пренесување на неизграденото градежно земјиште во владение на општина Центар, со што единствено таа ќе може да ги продава локациите за градење во централното градско подрачје.

 

 

Бојан Блажевски