На најдобрите 10 дипломирани студенти на инженерските факултети во Македонија вчера во храмот Св. Пантелејмон на Плаошник во Охрид им беше врачено признанието „Инженерски прстен 2013“. Свечената манифестација која што се одржува по 10-ти пат е под покровителство на претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов. „Прстенот е признание за сиот нивен вложен труд во стекнувањето знаења и вештини. Меѓутоа ова е и признание за нивните професори што успеале да им го дадат сето она што го знаат и умеат“, истакна во своето обраќање претседателот Иванов. Посакувајќи им успеси на наградените инженери, тој напомена дека инженер е оној кој секогаш е конструктивен, иновативен и понудува решенија.
Во името на овогодинешните добитници, на настанот се обрати инженерката Дана Ужеска. „Голема е честа да се биде добитник на едно вакво признание, но уште поголемо е задоволството кога вложениот труд ќе биде награден како што доликува и не останува заборавен“, рече Ужеска. Манифестацијата „Инженерски прстен“ е во организација на Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и инженери на Македонија. Овој настан претставува поттик за изучување на инженерството во земјава и придонес за формирање на квалитетен инженерски подмладок.