После точно 10 години изградба и неколку неостварени најави за нејзино ставање во функција, денес беше официјално отворена новата зграда на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Клиничкиот центар во Скопје. Сепак засега ќе функционира само амбулантниот дел, а доуредувањето и преселбата ќе продолжат во наредните 30-тина дена.
Зградата има пет нивоа со вкупна површина од околу 12 илјади метри квадратни и во неа ќе бидат сместени 197 болнички легла и ќе функционираат пет операциони сали. Инвестицијата во објектот (без медицинската опрема) изнесуваше 560 милиони денари, односно нешто над девет милиони евра. Изведувач на градежните работи беше фирмата „Делта пром“.
Старата зграда на гинеколошката клиника, која датира од 1928 година, после преселбата привремено ќе се користи за сместување на пациенти од интерните клиники, додека таму се одвива најавената реконструкција и реновирање со помош од Банката за развој при советот на Европа. За конечната судбина на дотраениот објект ќе се одлучува дополнително.