Во рамките на овогодинешното издание на Ин Ситу саемот за уметност, на 14 септември во Младинскиот културен центар ќе се одржи предавањето „Works and Worries“ на архитектонското биро ФАКТ од Берлин. Предавањето, коешто е предвидено да се одржи на англиски јазик, ќе биде бесплатно за заинтересираните посетители. Настанот е со почеток од 20 часот, во Кино Фросина.
ФАКТ е младо архитектонско биро од Берлин, основано во 2013 година. Основачи на бирото се Себастијан Ернст, Себастијан Керн, Мартин Тесарц и Јонас Тратц, кои заедно студирале на ТУ Берлин и ЕТХ Цирих. Нивните тековни проекти варираат од проекти за мебел до изведени проекти, како и водење настава како гостувачки професори, се нагласува во информацијата објавена од организаторот на саемот.
Архитектонската програма на Ин Ситу е курирана од Слободан Велевски и Марија Мано Велевска.