Владата на Франција, преку Амбасадата во Македонија, денеска ја предаде изработената физибилити студија за изградба на пречистителна станица за отпадни води во Скопје. Комплетираниот документ ги разработува најдобрите можни опции за изградба на еден ваков објект од технолошки, финансиски и еколошки аспект. Студијата е изработена од француската консултантска куќа „ЕГИС Еау“. Изготвувањето на консултативниот документ е финансиран од Фондот за студии и помош во приватниот сектор – ФАСЕП и француската влада во висина од 729.000 евра.
Во текот на денешниот ден беше направена презентација на документот пред Делегацијата на Европската унија во Скопје и потенцијалните финансиски донатори од странство. Изготвувањето на студијата за влијанието врз животната средина и анализата на параметрите цена – корист на понудените опции е дел од билатералната соработка на Франција со Македонија.
Пречистителната станица за отпадни води е еден од капиталните објекти што треба да се градат во Скопје. Инфраструктурниот објект треба да опслужува 600.000 жители од Скопскиот регион. Градските власти во наредниот период треба да изнајдат извори за финансирање на овој проект.