Раководителите на деловните субјекти од областа на градежништвото со позитивни оценки за развојот на овој сектор од македонската економија. Според податоците на Државниот завод за статистика, индикаторот на доверба во последното тримесечје од 2016 година е зголемен за 0,2 процентни поени во однос на третиот квартал, а забележано е и зголемување од 2 процентни поени во споредба со идентичниот период лани. Градежниците имаат поповолни очекувања за вкупните порачки за градежни работи, но и очекуваат бројот на вработени да се намали во наредните три месеци.
Оценката за економската состојба во четвртото тримесечје од 2016 година е поповолна во однос на претходното тримесечје, а поповолна е и во однос на четвртото тримесечје од 2015 година. Оценката за сегашната состојба со порачки на нивните деловни субјекти е речиси на еднакво ниво како во претходното тримесечје, додека оценката за финансиската состојба е понеповолна во споредба со третото тримесечје од 2016 година.
Градежниците очекуваат дека во наредниот период ќе се намалат продажните цени, при што сметаат дека бројната состојба и квалитетот на механизацијата и опремата во четвртото тримесечје од 2016 година биле над нормалата. Најголемо влијание на ограничувањето за подобрување на тековната градежна активност имаат следниве фактори: зголемени трошоци за материјали со 18,9%, зголемени финансиски трошоци (камати) со 14,8%, конкуренција во сопствениот сектор со 12,5% и нема побарувачка со 12,5%.