Градот Скопје претстојните пролетни месеци ќе ги искористи за изработка на основниот проект за инфраструктура за булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“, на потегот од крстосницата со булеварот „Босна и Херцеговина“ до врската со Скопската обиколница. Оваа недовршена сообраќајница во главниот град ќе им овозможи на жителите од населбите Бутел и Радишани да добијат алтернативна патна врска со центарот на Скопје. Проектната документација за трасата во наредните четири месеци ќе ја изработува фирмата „Геомап Дизајн“ од Скопје за сума од 1.068.254 денари. Продолжувањето на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ е планирано да се одвива во две фази.
Паралелно со изработката на проектната документација, како еден од приоритетите на градската власт за 2015 година е проширување на постоечката траса од оваа скопска сообраќајница. Од буџетот на Град Скопје се издвоени средства за реконструкција и надградба на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“, на потегот од улицата „Џон Кенеди“ до крстосницата со улицата „Рокомија“ во должина од 600 метри. За отпочнување на градежните активности на овој дел е неопходно најпрво да се расчистат имотно – правните односи, ако се земе во предвод дека уште од 2013 година постои потпишан договор за реализација на овој проект.
» Форумска дискусија за булеварот Христијан Тодоровски Карпош
Бојан Блажевски