Претходна статија
Скопјани ќе знаат кога доаѓаат 2-ка и 5-ка
Следна статија
Продажба на земјиште за здравствена институција во Карпош

Поволни вести за гасификацијата

Објавено на 06.04.2010 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Од Министерството за транспорт и врски информираат дека е направен изборот на најповолни понудувачи за изработка на техничка документација на ниво на основен и изведбен проект за четири магистрални гасоводи, според огласот кој беше објавен во декември минатата година. Избраните субјекти имаат обврска проектите да ги изготват во рок од 12 месеци од потпишувањето на договорите, а вкупната цена за четирите пакети изнесува нешто над 166 милиони денари.


За пакетот број 1 кој се однесува на гасоводот Клечовце – Неготино (во должина од околу 100 километри), за најповолна е избрана понудата на „Прима Инженеринг“ ДОО Скопје. Гасоводните линии од пакетите број 2 и 3, односно Неготино – Битола (во должина од околу 100 километри) и Јазол Штип – Јазол Хамзали (во должина од околу 60 километри) ќе ги проектира украинскиот ОАД „Укргазпроект“. Најповолен понудувач за пакетот број 4 кој се однесува на гасоводот Јазол Хамзали – Стојаково (во должина од околу 50 км) е конзорциумот составен од германскиот „DIWI Cosult International“ GmbH и домашниот „ДИВИ Консалт Интернационал Македонија“.


На меѓународниот оглас се јавија и следните субјекти: МЗТ Пумпи АД – Скопје и „Институт Јужниигипрогас“ – Украина; ДИК „Чакар Партнерс“ – Скопје, Градежен Институт Македонија – Скопје и „Кат Плус“ – Кичево; „Балкан Консалтинг“ ДОО – Скопје; „IDOM Ingeneria y Consultoria S.A.“ – Шпанија.


Од А.Д. „Гама“ пак, исто така стигнаа добри вести во врска со гасификацијата. Операторот на гасоводниот систем во државава најавува затворање на гасоводниот прстен околу Скопје. Како што соопштуваат од таму, добиени се градежни дозволи, набавени се материјали, а подготвителните работи се во тек. Изградбата се предвидува да трае година до година и пол, по што ќе бидат обезбедени предуслови за изведба на дистрибутивна мрежа низ градот. Од  „Гама“ исто така стигнаа најави за скоро приклучување кон гасоводната мрежа на неколку поголеми потрошувачи, меѓу кои Топлана Запад, РЖ Институт, Факом, Скопски Саем, како и најголемиот иден потрошувач, когенеративната електрана „ТеТо“ која треба да биде приклучена во наредните десетина дена. Изградбата на когенеративната електрана која ќе има моќност од над 200 мегавати е при крај.