Претходна статија
Со кредит од ЕБОР ќе се реконструираат 400 километри патишта во Македонија
Следна статија
Субвенции за домаќинствата за приклучување на природен гас во Струмица

Повик за изработка на архитектонско – урбанистички и основен проект за нов градски пазар во Делчево

Објавено на 28.02.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Општина Делчево објави огласи за избор на проектански бироа што ќе ги изработат архитектонско – урбанистичкиот проект и основниот проект за идниот градски пазар. Објектот со планирана површина од околу 7.000 метри квадратни ќе биде лоциран во центарот на Делчево и ќе се состои од простор на отворено и затворен дел. Градежната парцела за оваа намена се простира на 11.599 метри квадратни. Идниот концепт на проектантите треба да овозможи етапно градење на градскиот пазар, со особен нагласок на првата фаза.

 

Со првата фаза од проектот би била опфатена површина од 2.000 до 2.500 метри квадратни, наменета за продажба на земјоделски и други производи, која би била покриена со кровна конструкција. Додатен простор од 100 до 150 метри квадратни ќе служи за простории од затворен тип, вклучувајќи го административниот дел и санитарните јазли. Идната проектна документација треба да обезбеди пристап до пазарот на лицата со инвалидност, пристап за дотур на роба и паркинг за возила.

 

Изготвувањето на архитектонско – урбанистичкиот проект е проценето дека ќе чини околу 160.000 денари, додека посебен тендер е објавен за основниот проект, со проценета вредност од околу 580.000 денари. Избраниот понудувач е должен да го подготви архитектонско – урбанистичкиот проект во рок од 20 работни денови од неговата порачка. Основниот проект ќе треба да се изработи во период од 60 денови. Заинтересираните субјекти имаат рок до 5 март за да ги поднесат своите понуди за подготовка на архитектонско – урбанистичкиот проект, а крајниот рок за вториот тендер истекува на 12 март.