Претходна статија
„Жикол“ ќе работи на улицата „Тодор Александров“ на Водно
Следна статија
Општина Струмица продолжува со развојот на гасоводната мрежа

Повеќе од шест години ветувања за изградба на нов Драмски театар

Објавено на 22.09.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Изминува шестата година од распишаниот архитектонски Конкурс за новиот објект на Драмскиот театар – Скопје, а на терен работите за издигнување на зградата не се помрднати од мртва точка. Од Министерството за култура деновиве склучиле нов договор за измени во веќе изготвената проектна документација за новата зграда. На веб – страницата на Бирото за јавни набавки е објавен договорот, според кој во наредните шест месеци скопската фирма „Монтимпекс – Инженеринг“ ќе биде задолжена да ги подготви неопходните измени во основниот проект за сите фази во обем само за потребите на театарот.

 

 

 

За ова задолжение е предвидено да се одвојат финансиски средства во висина од 2.299.820 денари. Токму овој субјект го изработи и првичниот основен проект, врз основа на победничкото идејно решение на авторите Емил Јегени, Елена Икономов, Јасна Милојковиќ и Билјана Стојменовска од студиото „Платформа“. За целокупната постапка за изградба на новиот објект на Драмскиот театар – Скопје подолго време од Министерството за култура не излегуваат со информации. Оттаму не излегоа со официјални податоци во јавноста за причините поради кои не е избран приватен партнер за изведбата на новото културно здание.

 

Покрај тоа што изминаа повеќе од шест години од изборот на победничкиот архитектонски труд за објектот, во периодот зад нас единствено се редеа серија на договори во вредност од стотици илјади евра што требаше да го доведат зданието на Драмски театар на ниво на целосна изграденост. Меѓу нив, беа оние за изработка на проектната документација, но и за избор на консултантска куќа што ја подготви физибилити – студијата.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk