Првото полугодие од 2018 година им донело повеќе извршени работи на македонските градежници на странските пазари, но договорените проекти за во наредниот период се намалуваат. Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на договорените зделки на странските пазари изнесувала 917.499.000 денари, што е за 54,6% помалку во споредба со истиот период од претходната година. Најголемо намалување е регистрирано кај традиционалните партнери на градежниците – Босна и Херцеговина, Германија и Холандија.
Наспроти овие негативни бројки, градежната оператива од земјава во периодот јануари – јуни 2018 година извршила градежни работи во странство во вкупна вредност од 698.072.000 денари, што е за 4,9% повеќе во споредба со идентичниот период лани. Најголем придонес на ваквиот раст има босанскиот пазар, каде што е забележан зголемен обем на реализирани градежни работи.