„ЦК – 13 Холдинг ЈСЦ“ од Бугарија ќе ја реализира рехабилитацијата на железничката пруга од Ногаевци до Неготино во должина од 31 километар. Реконструкцијата на оваа делница од Коридорот 10 ќе се изведе во рок од една година, со што ќе се овозможи зголемување на максималната брзина на возовите од постоечките 50 до 60 на предвидените 100 до 120 километри на час. Договорот за остварување на проектот се потпиша денес, како последен дел од земениот кредит од Европската банка за обнова и развој за реконструкција на пругите долж Коридорот 10. Финансиската конструкција на проектот изнесува 9,5 милиони евра, а меѓународниот тендер за овој зафат беше објавен од Македонски железници – Инфраструктура во јануари годинава.
Со ремонтот се планира да се изврши целосна замена на старите дрвени прагови со армирани бетонски, комплетно да се променат постоечките шини со нови стандард 60, кои за прв пат ќе се вградат на пругите во Македонија, и да се реконструираат постоечките перони на стојалиштата Ногаевци, Стоби и Црвени Брегови и на железничките станици Градско, Кукуричани и Криволак. Последната реконструкција на пругата од Ногаевци до Неготино е извршена во 1968 година, односно пред 45 години. Во наредните месеци треба да заврши и ремонтот на двете делници Табановце – Куманово и Миравци – Смоквица во должина од 24,1 километри, кој е во завршна фаза од реализација и на чие завршување работи германско – австрискиот конзорциум „Вибе и Алпине“.