Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и претставникот на фирмата „Штрабаг“ Златан Ѓурѓиќ денеска во Валандово го потпишаа договорот за изведба на втората фаза од проектот за наводнување на јужната долина на реката Вардар. Со потпишувањето на овој договор започнува со реализација капиталниот проект за осовременување на системот за наводнување во земјава, во кој ќе се инвестираат 24,3 милиони евра обезбедени од државниот буџет и од германската развојна банка KfW.
*Извор на фотографија: Влада на РСМ
Сегашниот систем за наводнување во валандовскиот регион обезбедува наводнување на околу 1.600 хектари. Со изградбата на втората фаза од овој проект ќе се обезбеди наводнување на над 2.000 хектари земјоделска површина. Со проектот ќе се зафаќа вода од Удово од реката Вардар, која со главен цевковод со должина од 8,9 километри ќе се носи до препумпни станици и со дистрибутивна мрежа од 85 километри ќе се распределува до земјоделците.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски посочи дека реализацијата на проектот е предвидено да трае 21 месеци, но се очекува да заврши и порано. Со германската развојна банка KfW во моментов течат преговорите за спроведување и на третата фаза од проектот за јужно – вардарска долина, со кој ќе се наводнуваат дополнителни 1.700 хектари.