Струшката градежна фирма „Илинден“ ќе инвестира во идниот Дом за стари лица во охридската населба Далјан. Договорот за продажба на градежното земјиште денеска беше потпишан во просториите на општина Охрид, по што следува периодот за обезбедување на одобрение за градење. „Илинден“ понуди највисока цена од 1.532 денари за метар квадратен на електронското јавно наддавање за градежната парцела од 8.425 метри квадратни и веќе ги уплати средствата за земјиштето во висина од 12.907.100 денари (210 илјади евра). Рокот за прибавување градежна дозвола е една година. „По правосилноста на одобрението за градење, зависно од бруто развиената површина инвеститорот е обврзан за 2 односно 4 години да го изгради објектот. Домот за стари лица е предвидено да има приземје, четири ката и поткровје“, информираше охридскиот градоначалник Никола Бакрачески за време на денешното потпишување на договорот.