По неколку неуспешни тендери, спортскиот центар „Борис Трајковски“ склучи договор за реализација на рекреативниот аква парк, како нова атрактивна содржина во рамките на постоечкиот комплекс. Конзорциумот составен од македонските фирми „Жикол“ од Струмица, „Електро – унион“ од Скопје и турската компанија „Полин супарклари ве хавуз системлери аноним ширкети“ ќе го градат долгонајавуваниот проект, при што од државниот буџет за оваа намена ќе наплатат 326.319.894 денари, односно околу 5,3 милиони евра. Рокот за изведба е април 2013 година. Покрај победничката, на објавениот тендер била поднесена уште понуда од конкурентска градежна компанија.
Според најновите информации, аква паркот треба да се гради на површина од 12.000 метри квадратни и ќе се состои од базен со бранови, 10 тобогани меѓу кои ќе има „вселенска топка“, „бумеранг“ и „мулти слајд“, мрзлива река, детски свет „пиратите од Карибите“, ресторан и други рекреативни содржини за посетителите. За наредната недела е најавена прес конференција на која ќе биде претставен проектот. Идејното решение за зданието го изработи фирмата „Темон инженеринг“ од Скопје, а финансиските средства ги обезбеди Владата на Република Македонија.