За да се привлече капитал за инвестирање во нови градинки, пензионерски домови, ученички и студентски домови, македонската влада се одлучи да ја намали почетната цена за отуѓувањето на државното неизградено земјиште. Станува збор за парцели на кои е предвидена изведба на вакви објекти за групно домување, кои во иднина ќе се продаваат по пониски цени. Владата на 43-та седница ја усвои уредбата за висината на цената на ова земјиште и за висината на посебните трошоци за спроведување на постапките за отуѓување и давање под закуп.
Како што информираат од владата, со предложените измени се врши намалување на висината на цената по кои се отуѓува градежното земјиште во сопственост на Република Македонија со непосредна спогодба за А3 – групно домување за реон 5 и реон 6, при што нејзината цена ќе изнесува 70 денари, за разлика од досегашните цени, кои за овие реони изнесуваа од 1.600 денари па нагоре за населено и вон населено место. Ваквото намалување на цената на државното неизградено земјиште е изгласано на предлог на Министерството за транспорт и врски.