По повеќе од три месеци од распишувањето на тендерот, Јавното претпријатие за државни патишта ја поништи постапката за изработка на проектна документација за идниот експресен пат од Битола до граничниот премин Меџитлија, којшто го вклучува и проектот за изведба на обиколница околу Битола. „Договорниот орган не може да изврши избор на најповолна понуда поради битни повреди на Законот за јавните набавки согласно со член 210 од Законот“ се наведува во образложението објавено на Електронскиот систем за јавни набавки.
Ваквиот неуспешен исход на тендерот значи дека изработката на проектната документација за овој експресен пат од паневропскиот Коридор 10д ќе остане да се реализира догодина. По завршувањето на проектирањето, државата ќе треба да пронајде и соодветни средства за изведба на новото патно поврзување со соседна Грција. Изработката на проектната документација ќе го чини државниот буџет околу 47 милиони денари.
Идниот експресен пат од Битола до граничниот премин Меџитлива е предвидено да биде долг 20 километри. Во правецот кон Грција, тој треба да се надоврзе на веќе постојниот автопат А 27 и „Егнација Одос“, кои ќе овозможат побрза врска кон пристаништето во Игуменица и излез на Јонското море.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk