Владата донесе одлука да ја намали цената за откуп на изграденото градежно земјиште од страна на фирмите. Во првите три реони што го опфаќаат Скопје и 20 други општини, цената од 22 евра се намалува на пет евра за метар квадратен доколку сумата се плати одеднаш, а седум евра доколку се плаќа на рати во рок од 10 години. Во четвртиот реон кој исто така опфаќа околу дваесетина помали општини, откупот за метар квадратен ќе чини 2,8 евра во случај на плаќање одеднаш и четири евра доколку се плаќа на рати. Во петтиот реон што опфаќа над 40 рурални населби, метар квадратен ќе чини едно евро ако се плати одеднаш и 1,5 евра на доколку се плаќа на рати на 10 години.
Според вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, ова претставува намалување на цените за над 70%. Оваа уредба на Владата се однесува и на веќе доставените, а сеуште отворени барања на фирмите за приватизација на земјиштето. Не е предвиден рок до кога ќе важи уредбата, односно таа ќе биде важечка се додека не се донесе поинаква одлука.