Претходна статија
Постепено се реализира уредувањето на коритото на Отиња во Штип
Следна статија
Попова Шапка со нова жичара за идната зимска сезона

Подземната сообраќајница ќе чека подобри времиња

Објавено на 23.05.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Превисоките понуди за изградба на тунелот под плоштадот „Македонија“ придонесоа Градот Скопје засега да се откаже од идејата за реализација на најзначајниот инфраструктурен проект во главниот град. Градоначалникот Коце Трајановски денеска изјави дека е потпишана одлука за прекинување на втората тендерска постапка за подземната сообраќајница. „Она што ни беше буџетирано односно 45 милиони евра заеднички со владата не беше ни блиску до најниската понуда од 67 милиони евра од една италијанска компанија. Втората беше 77 милиони и 90 милиони беше третата понуда од компанија“, изјави градоначалникот.

 

Поповолни понуди од заинтересираните компании не биле добиени ниту на електронското јавно наддавање, по што градската управа се одлучи да го поништи и вториот тендер за овој крупен проект. Поради тоа што понудите на компаниите и на вториот тендер беа за речиси 50 отсто поголеми од предвидениот буџет за подземната сообраќајница, Градот Скопје во претстојниот период ќе одлучи што ќе прави со овој проект во иднина. Една од опциите што градоначалникот Трајановски денеска ја најави е потрагата по финансиски средства од европските фондови. Истовремено, тој напомена дека градската администрација работи и на поевтини алтернативни решенија за растеретување на сообраќајот во главниот град.

 

Градот Скопје веќе потроши значителни финансиски средства за подготовка на документацијата за остварување на долгонајавуваниот проект. Само на шпанската компанија „ИДОМ“ и беа исплатени 38,2 милиони денари за изработка на основниот проект за подземната сообраќајница. Дополнително, ќе треба да се утврди и врз која основа е добиена првичната финансиска конструкција од 45 милиони евра и од кои причини се појави финансиската дупка помеѓу она што е зацртано во проектот и финалните понуди на компаниите.

 

Подземната сообраќајница составена од две коловозни ленти беше предвидено да се гради на потегот помеѓу мостот „Гоце Делчев“ и булеварот Кузман Јосифовски Питу. Вкупната должина на трасата требаше да изнесува 1.300 метри, од кои 900 под земја, додека 400 метри над земја.

 

 

» Форумска дискусија за планираната подземна сообраќајница под плоштадот „Македонија“