Претходна статија
Државното земјиште за индивидуално домување и за катни гаражи отсега по почетна цена од едно евро за квадрат
Следна статија
Камен темелник за новиот објект на АЕК

Подземна сообраќајница во спротивност со Генералниот урбанистички план на главниот град

Објавено на 29.03.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, и вицепремиерот Зоран Ставрески денеска потпишаа Меморандум за соработка за финансирање на проект за подземна сообраќајница под центарот на Скопје. Сообраќајницата со должина од 1,7 километри треба да го поврзува булеварот Кузман Јосифовски Питу со булеварот Илинден. Ќе има две коловозни ленти, по една во секој правец и ќе треба да обезбеди брзина на движење од 50 километри на час. Во рамките на решението се предвидени и три нови кружни текови. Според властите изградбата ќе почне следната година во летниот период, а ќе заврши во рок од 24 месеци. До почетокот на изградбата градот треба да изработи инфраструктурен проект и да спроведе тендер за изведувач на градежните работи. Инвестицијата е во висина од 30 милиони евра, од кои 20 милиони ќе обезбеди Владата преку буџетот и преку кредитно задолжување, а 10 милиони Градот Скопје, во најголем дел преку издавање на обврзници.

 

Надлежните не дадоа објаснување зошто се отстапува од Генералниот урбанистички план на Скопје. Во ГУП-от се предвидени подземни сообраќајници кои треба да го поврзат булеварот Партизански Одреди со булеварите Кузман Јосифовски Питу и 11 Октомври. Коридорите на овие подземни сообраќајници се вцртани со булеварски профил, а планирана е и траса за шински јавен превоз. Исто така нејасна останува и промената на моделот на финансирање, со оглед на тоа што градските власти од шпанската фирма „ИДОМ“  (IDOM, Ingeniería, Arquitectura y Consultoría S.A.) нарачаа студија за концесионирање. Со студијата беше опфатена уште една важна неизградена сообраќајна врска во главниот град – поврзувањето на булеварот Св. Климент Охридски со улицата Македонско – косовска бригада, преку мост на Вардар и зацртаниот тунел кој во јавноста е познат како „тунелот под Кале“. Надлежните ја обелоденија точната траса, но изостанаа било какви поконкретни најави за реализација на овој проект.