Градот Скопје до 13 март примил вкупно 290 барања од граѓаните за поврат на финансиските средства од купени печки за греење на пелети. Јавниот повик за аплицирање е завршен, а во наредниот период ќе се изврши евалуација на пристигнатите барања. „Комисијата за спроведување на постапката за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на Град Скопје за купување печки на пелети е на терен и врши увид во документацијата и локациите каде што ќе бидат заменети старите печки на дрва, јаглен, нафта и мазут и ќе бидат поставени новите печки на пелети“ информираат од Град Скопје.
Парите ќе им бидат исплатени на граѓаните откако ќе се формира финалната листа на прифатени барања. Во градскиот буџет за планираните субвенции се предвидени 10 милиони денари. На минатиот јавен повик од 2016 година, Градот Скопје додели 196 субвенции на граѓаните, за што беа издвоени 5.896.000 денари. Проектот е дел од мерките на градската администрација за подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух преку заеднички активности на локалната самоуправа и граѓаните.