Министерството за животна средина и просторно планирање објави тендер за пронаоѓање на изведувач на главниот колекторски систем и секундарните колектори во Општина Кочани. Станува збор за вториот сегмент од делницата на главниот колектор од премин преку Кочанска река до новата пречистителна станица за отпадни води, како и првата фаза од изведбата на секундарни колектори и нивното поврзување на главниот колектор. Инфраструктурниот зафат е проценето дека ќе чини околу 61 милион денари, со вклучен ДДВ.
Заинтересираните компании имаат рок до 4 јануари 2018 година за да ги достават своите понуди за учество во тендерската постапка. Најповолниот понудувач ќе има рок од 12 месеци за да ги изведе неопходните градежни работи. Овој градежен зафат се одвива паралелно со изградбата на пречистителната станица за отпадни води во Кочани, за која се обезбедија финансиски средства од Швајцарската Конфедерација.
Колекторскиот систем ќе го опфати градот Кочани и соседното село Оризари. Главниот собирен колекторски систем ќе има вкупна должина од 9.500 метри и се состои од две делници. Оваа инфраструктурна линија ќе биде поврзана со новата пречистителна станица за отпадни води во општината.