Градежната компанија „Бетон“ од Скопје во следните пет месеци ќе ја реализира првата фаза од реконструкцијата на булеварот „АСНОМ“ во општина Аеродром. Во оваа етапа ќе се санира коловозот во должина од 428 метри, во близина на раскрсницата на оваа сообраќајница со улицата „Февруарски поход“. Градот Скопје за овој инфраструктурен проект од годинешниот буџет ќе инвестира 31.795.165 денари, односно околу 510.000 евра. На тендерот, кој беше распишан во ноември минатата година, биле доставени 11 понуди од градежните фирми.
Градската власт во изминативе години во неколку наврати обелоденуваше проекти за реконструкција и продолжување на трасата на булеварот „АСНОМ“. Лани беше претставена идејата за продолжување на трасата на оваа сообраќајница од Општина Аеродром кон Општина Гази Баба, со која е зацртано со мост да се поврзат населбите Аеродром и Ќерамидница. Пред три години, Градот Скопје вети и продолжување на булеварот „АСНОМ“ кон населбата Горно Лисиче.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk