Денес во општина Ѓорче Петров беше поставен камен темелник на пречистителната станица за отпадни води „Волково“. Станицата ќе се гради во индустриската зона запад, кај клучката Орман на скопската обиколница. Вредноста на инвестицијата вклучувајќи го проектирањето изнесува 5.841.000 евра, од кои 30% се донација од Центарот за меѓународна соработка и развој на Република Словенија. Изведувач е „РИКО“ од Љубљана, а станицата треба да профункционира најдоцна до мај 2012 година. Технологијата е истата која е применета во новата пречистителна станица во Трбовле, Словенија.
Пречистителната станица „Волково“ ќе има капацитет од 19.500 еквивалент жители. Таа ќе ги прифаќа комуналните отпадни води од Волково и околните населени места и потоа пречистени ќе ги испушта во Лепенец. Со тоа ќе ги заштитува речните води на долниот тек на Лепенец и индиректно на Вардар, а ќе придонесе и за заштита на подземните води, почвата и аграрното производство на регионот кој ги опфаќа Волково, Ново Село, Орман, Кучевиште и блиските населени места. Исто така ќе создаде предуслови за околу 6.000 семејства да добијат канализација и со тоа да се затворат исто толку септички јами во реонот, кои претставуваат опасност за бунарскиот систем кај Лепенец, преку кој се надополнуваат количините питка вода што главниот град ги добива од каптажата Рашче.
Оваа пречистителна станица е една од четирите зацртани со Студијата за управување со отпадни води во Скопје. Покрај во Волково, документот предвидува изградба на такви објекти и кај Сарај и Драчево, како и една голема пречистителна станица близу Трубарево која ќе се протега на 35 хектари. За нивна реализација, како и изградба на пропратните колектори, се проценува дека се потребни вкупно околу 100 милиони евра. Студијата за управување со отпадни води во Скопје е јапонска донација, а ја изработи Јапонската агенција за меѓународна соработка – „Џајка“ (JICA).