Претходна статија
Пропадна продажбата на државно земјиште во „Хиподром“
Следна статија
Град Скопје се задолжува со 8,7 милиони евра

Почнува изградбата на пешачки натпатник кај Бит-пазар

Објавено на 28.01.2010 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Од Општина Чаир информираат дека набргу ќе бидат поставени темелите за пешачкиот мост над булеварот „Крсте Мисирков“, помеѓу Бит-пазар и истоимената поликлиника. Натпатникот ќе биде од затворен тип и изведен од бетонско-челична конструкција и плексиглас, а ќе бидат вградени и лифтови наменети за лицата кои нема да можат да ги совладаат скалите. Предвидениот клиренс изнесува 4,5 метри, а вкупната височина околу 7,5 метри. Изведувач е „Карпош“ АД Скопје.


Инвестицијата се проценува на 200 илјади евра, од кои 180 илјади ќе обезбеди „Акцент Медиа“, а остатокот општината. „Акцент Медиа“ е фирма која се занимава со надворешна реклама и ќе добие право на издавање рекламен простор на објектот во рок од 10 до 15 години. Тие исто така ќе бидат задолжени за одржување на објектот.


Овој проект беше најавен уште во јануари 2008, но беше предмет на постојани одложувања. Пуштањето во употреба сега е планирано за средината на годинава. Постоечкиот површински пешачки премин ќе биде затворен и во средишниот појас ќе бидат подигнати жардињери. Од Општина Чаир се надеваат дека со ова ќе се стави крај на хаосот кој се создава на оваа фреквентна локација и дека значително ќе се подобри безбедноста на пешаците, а во истовреме ќе се зголеми и проточноста на булеварот.