Скопскиот градоначалник Коце Трајановски и градоначалникот на општина Аеродром Ивица Конески денеска го означија почетокот на изградбата на нов парк спроти „Мајчин дом“, на аголот меѓу улицата „Васко Карангелески“ и булевар „Јане Сандански“ во населбата Аеродром. Новиот парк ќе се простира на 2.319 метри квадратни и ќе содржи пешачки патеки, водени површини, езеро со фонтани и водопади, река и детско игралиште. Во паркот ќе се задржат постоечките дрвја, а ќе се засадат и нови нискостеблести растенија и цвеќе. Водените површини ќе бидат осветлени со рефлектори.
„Со хортикултурно и партерно уредување на овој простор ќе се создаде пријатно место за престој“, рече на прес – конференцијата градоначалникот на општина Аеродром, Ивица Конески. Висината на оваа инвестиција ќе биде околу 30 милиони денари. Изведбата е доверена на скопската фирма „Сандра Инженеринг“, додека надзорот над работите ќе го врши „Евро Консалтинг“.