Општина Карпош денеска распиша тендер со кој бара изведувач за надворешното обликување и внатрешните градежно – занаетчиски работи во новата општинска зграда која се гради во населбата Карпош 3 [»мапа]. Одлуката доаѓа по неколкумесечниот застој во изградбата на административниот објект. Втората фаза од овој проект вклучува изведба на стаклена фасада, но и ентериерно уредување на канцеларискиот простор предвиден за општинските работници, а проценетата вредност изнесува 44.067.796 денари или околу 710 илјади евра, без вклучен ДДВ. Заинтересираните градежни компании треба да ги достават своите понуди најдоцна до 20 февруари.
Во изградбата на армирано – бетонската конструкција на идната општинска зграда досега се инвестираа речиси три милиони евра. Официјалното отворање на објектот доцни веќе неколку месеци, поради застојот што се појави помеѓу реализацијата на двете фази од проектот. Со изведба на овој објект се започна во октомври 2012 година, врз основа на изготвеното идејно решение што го изработија архитектонските студија „СКАрС“ и „Архитектри“ од Скопје.