На само еден ден по распишувањето на огласот за продажба на градежното земјиште, Министерството за транспорт и врски ја поништило објавата за отуѓување на атрактивната градежна парцела за изградба на катна гаража во Градскиот парк, помеѓу Луна – паркот и спортската сала „Работнички“ [»мапа]. Засега не се соопштуваат причините за повлекување на огласот, ниту пак се објавуваат информации кога ќе се распише новиот оглас. Покрај просторот за паркирање, во идниот објект е планирано да се сместат големи трговски единици, големи угостителски единици, деловни дејности и мали комерцијални и деловни дејности до 15 отсто од целокупната површина. На покривот од катната гаража е планирано да се дислоцираат постоечките спортски терени кои сега функционираат на тоа место.
Во согласност со донесениот урбанистички план за Градскиот парк под ингеренции на Општина Центар, катната гаража ќе биде со максимална висина од 29 метри и со предвидена површина од 7.012 метри квадратни. Заедно со зацртаните подземни гаражи во околината, овој објект ќе треба да ги задоволи зголемените потреби за паркинг простор кои се појавија по завршувањето на спортската арена „Филип II“. Ако се анализираат досегашните обиди за продажба на оваа парцела, тогаш и Градскиот парк во иднина ќе постане простор за реализација на проектот „Скопје 2014“. Надлежното министерство во досегашните објави инсистираше новата катна гаража да биде изработена во барок, класицизам, неокласицизам, романтизам, неоромантизам или пак некој од современите архитектонски стилови, а беше предвидено посебна комисија од министерството да биде задолжена за одобрување на основниот проект што ќе го приложи инвеститорот.