Градот Скопје бара градежна компанија што ќе ја изведе втората фаза од реконструкцијата на булеварот Јане Сандански, на потегот од булеварот Србија до раскрсницата со улицата Васко Карангелевски. Зафатот се реализира по три години од иницијалната санација на коловозот на дел од оваа важна сообраќајница во општина Аеродром. Делницата чија реконструкција претстои, во моментов се наоѓа во лоша кондиција, со оштетен асфалт и дупки на коловозот, на кои им е неопходна итна санација.
Градските власти проценуваат дека вредноста на овој проект ќе изнесува околу 320.000 евра. Градежните компании што имаат интерес да учествуваат во овој проект треба да ги достават своите понуди најдоцна до 22 јуни. Во летниот период од 2012 година беше остварена рехабилитација на коловозот на булеварот Јане Сандански, која беше спроведена од крстосницата со булеварот Србија до крстосницата кај некогашниот ресторан „Мекдоналдс“.
Бојан Блажевски