Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, в.д. директорот на Светска банка во Македонија Бојана Нацева и директорот на ЈП за државни патишта Александар Стојанов денеска го потпишаа договорот за заем и за гаранција во висина од 83 милиони евра за изградба на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка. Кредитното задолжување опфаќа период на отплата од 28 години, грејс период од 8 години и каматна стапка од 6-месечен еуролибор кој во моментов изнесува 0,88 проценти. Од кредитот, 78 милиони евра ќе бидат издвоени за експресниот пат, додека преостанатите средства се насочени за воспоставување на систем за управување на мостови и институционална поддршка на ЈП за државни патишта.
Со подигнатиот заем ќе се изгради делница од 26 километри со променлива ширина од 11,4 до 12,5 метри. Од ЈП за државни патишта појаснија дека станува збор за експресен пат поделен на два дела – од Крива Паланка до Глобочица и од Глобочица до Страцин. На трасата ќе има 22 моста, 9 натпатници, 13 пропусти и 2 клучки. Коловозот ќе се состои од две ленти за сообраќај и две ленти за застанување. Изградбата на експресниот пат ќе започне напролет, а градежните активности треба да се завршат до крајот на 2019 година.
На денешната прес – конференција беше најавено дека исто така ќе се реконструира и прошири патната делница од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир, во функција на модернизација на патниот Коридор 8.