Наместо првично предвидените 14 месеци во јули 2010 година, патниот премин Блаце на границата меѓу Македонија и Косово беше свечено пуштен во употреба дури вчера. Со овој инфраструктурен проект е зголемен бројот на сообраќајни ленти од 2 на 4 на влез во земјава и од 2 на 3 ленти на излез од Македонија, а изградени се и неколку нови објекти со кои ќе се олеснат царинските и граничните формалности. Подигната е нова административна зграда за царината, полицијата и инспекциите, објект за контрола на патници, објект за контрола на автобуси и објект со пропратни содржини: банка, пошта и деловни канцеларии.
За непречена работа на царината и полициските органи, изведена е трафостаница и дизел – агрегат, современа пречистителна станица за отпадни води и контролни кабини, нови настрешници и простор предвиден за одржување и сервис. Со реализацијата на инвестицијата, овозможена преку кредит од Светска банка, ќе се зголеми пропусната моќ за 2-3 пати, се наведува во соопштението од Царинската управа на Македонија. Проектираната вредност изнесуваше 1,8 милиони евра, а Градежните работи ги изведуваше градежната компанија „Гранит“ од Скопје.