Претходна статија
Универзитетот на Југоисточна Европа се смести во скопската чаршија
Следна статија
Глобал проперти гајд: Се намалиле цените на становите во Македонија

По 24-ти пат доделена Наградата „Андреја Дамјанов“

Објавено на 19.11.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Пензионираниот професор на Архитектонскиот факултет во Скопје, Михаил Токарев, е добитник на овогодинешната Награда за животно дело и особени достигнувања во архитектурата и градителството „Андреја Дамјанов“. Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) сношти во црквата Пресвета Богородица во Скопје свечено му ја врачи наградата на еден од најзначајните и најистакнати македонски творци во областа на архитектурата. По повод доделувањето на признанието, претседателката на ААМ Сања Раѓеновиќ Јовановиќ одржа свечен говор. „Професорот Токарев е на некој начин Џорџо Вазари во Македонија. Чест ми е што конечно во Македонија можеме да се пофалиме дека и ние имаме издаваштво од областа на архитектурата. Тој успеа да ја собере на едно место таа драгоцена лабораторија за продуктивни архитектонски и уметнички истражувања и да ни овозможи сите во рака да држиме една цврста основа во насока на формирање на современа креативна мисла“, изјави Раѓеновиќ Јовановиќ.

 

Во образложението на Комисијата за доделување на наградата „Андреја Дамјанов“, се наведува дека професорот Михаил Токарев целиот работен век го поминал како едукатор на Архитектонскиот факултет во Скопје, учествувал во бројни проекти од областа на проектирањето и урбанистичкото планирање како автор и коавтор, но и на проект – елаборати за заштита и ревитализација на македонското недвижно културно наследство. Професорот Токарев учествувал на бројни архитектонски урбанистички конкурси. Како капитално дело во неговото творештво се издвојува издавачкиот проект „100 години модерна архитектура“ во три тома, отпечатен на врвно техничко ниво. Се јавува и како автор на мноштво пишани дела за архитектурата, наследството и заштитата во текот на неговата плодна професионална кариера.

 

Наградата за животно дело и особени достигнувања во архитектурата и градителство „Андреја Дамјанов“ традиционално се додели по 24-ти пат од страна на Асоцијацијата на архитекти на Македонија.