Иако нашиот сосед Косово ја има прогласено Шар Планина за национален парк уште во 1986 година, Македонија веќе три децении не успева да го заврши својот дел од работата во однос на ова прашање. Невладината организација „Плоштад Слобода“ се обидува да го актуелизира прашањето за прогласување на Шар Планина за нов национален парк во земјава преку изработка на три истражувачки стории на тема „Национален Парк Шар Планина“. Првата истражувачка сторија е веќе достапна за заинтересираните граѓани на Јутјуб каналот на „Плоштад Слобода“.
„Во разговорите со мештани, рекреативци и стручни лица ги откриваме бенефитите од прогласувањето на Шара за четврти национален парк во Македонија“ информираат од „Плоштад Слобода“. Националниот парк би се простирал на површина од 50.000 хектари, а со ваквиот потег би се формализирал статусот на Шар Планина како заедничко добро. Од „Плоштад Слобода“ потенцираат дека соседните земји имаат по десетина национални паркови на нивните територии, додека доделувањето на статусот на национален парк во Македонија за последен пат е извршено во далечната 1958 година.
Истражувачката сторија „Национален Парк Шар Планина“ е продуцирана од страна на „Кадар продукција“. Сценариото за трите истражувачки стории е подготвено од Јордан Дуков, додека новинарот Љубиша Арсиќ беше вклучен во изработката на овие стории. Проектот е производ на соработката помеѓу „Плоштад Слобода“ и германската фондација „Хајнрих Бел“.