Претходна статија
Бранителите добија споменик во Битола
Следна статија
Автокампот „Свети Наум“ ќе добие бунгалови

Петте сообраќајници се реконструираат со променливо темпо

Објавено на 04.05.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Реконструкцијата на главните булевари во центарот на Скопје се одвива со различна брзина во согласност со тоа која градежна компанија е изведувач на работите. Дел од предвидените улици започнаа со брзо темпо да се обновуваат и во ноќна смена, додека некои булевари сеуште не се започнати или забавено се работат и во дневна смена.

 

#

 

Забрзано се одвива реконструкцијата на булеварот Кузман Јосифовски – Питу, каде започна да се поставува асфалт на потегот од Железничката станица до Народната банка и да се прередуваат бетонските рабници. И додека на оваа фрекфентна улица се работи со полна пареа, разочарува инфраструктурниот зафат на булеварот Партизански одреди.

 

Досега на булеварот Партизански одреди се изгреба мал дел од стариот асфалт, а се менуваат и оштетените рабови на тротоарите. Динамиката на обнова на овој булевар е значително поспора од булеварот Кузман Јосифовски – Питу, ако се земе во предвид фактот дека треба да се обноват 1.300 метри до раскрсницата со булеварот Рузвелтова.

 

Со забрзано темпо се работи и на улиците Војвода Васил Аџиларски и Стив Наумов. Стариот асфалт е изгребан долж целиот потег на улиците, а во моментов се поставуваат нови рабници на тротоарите на улицата Војвода Васил Аџиларски.

 

Од ветената реконструкција на пет сообраќајници во центарот на Скопје сеуште не е започната обновата на булеварот Даме Груев и на булеварот Крсте Мисирков. Од нив, во особено лоша состојба е булеварот Крсте Мисирков, како во однос на асфалтот на улицата, така и во однос на рабниците на тротоарите и на самите тротоари.

 

Пред 20 дена отпочна реконструкцијата на пет сообраќајници во центарот на Скопје. Според првичните планови, крајниот рок за завршување на работите е 60 дена, односно до 13 јуни 2011 година. За предвидената реконструкција се издвоени 2,5 милиони евра од буџетот на град Скопје, а првичните планови предвидуваа истовремена реконструкција на сите пет сообраќајници со работа во три смени.

 

Форумска дискусија за овој проект » овде

 

 

Бојан Блажевски