На последното електронско јавно наддавање на градежно земјиште на територијата на општина Илинден беа продадени шест градежни парцели за изградба на нови индустриски објекти. Локалната самоуправа денеска информираше дека три домашни и две странски компании ќе инвестираат во локалните економски зони: „МАН импортер“ и „Атлантиц траде“ од Хрватска, како и домашните „Мобико“, „Кам фуд“ и „Тотал логистик“ се стекнаа со локации на кои ќе ги градат своите стопански објекти.
„Атлантиц траде“ ќе гради дистрибутивно – логистички центар, во кој покрај магацинскиот, предвиден и деловен простор. Целата инвестиција во вредност од 2 милиони евра ќе обезбеди 100 нови работни места. Идентична висина на инвестиција и број на вработувања ветува и „МАН импортер“, кој ќе гради продажно – сервисен центар. Домашната „Тотал логистик“ купи две локации, од кои на едната ќе се наоѓа фабрика за производство на кондиторски производи, а на другата дистрибутивно – логистички центар. Вкупната инвестиција изнесува 3 милиони евра, со што ќе бидат отворени 150 работни места.
Македонската компанија „Кам фуд“ на територијата на општина Илинден ќе гради логистичко – дистрибутивен центар, како и простории за нивната дирекција, во кои ќе вложат 2 милиони евра и ќе креираат 150 работни места. „Мобико“, која се занимава со услуги во делот на информатичката технологија, во својот нов објект ќе инвестира 1 милион евра и ќе вработи 10 лица. Од локалната самоуправа очекуваат дека новите инвеститори ќе придонесат за брз и одржлив локален економски развој.