Компанијата од Дубаи „Епл Ленд“ (Apple Land) денеска ја стартуваше изградбата на откупно – дистрибутивниот центар за јаболка кај локалитетот Макази близу Ресен [»мапа]. Странскиот инвеститор во наредниот период планира да вложи пет милиони евра во објектот во кој се очекува да се вработат околу 100 лица. Изградбата ќе се одвива во три фази и до почетокот на септември годинава треба да се комплетира ладилникот со капацитет од 5.000 тони јаболка. Со целосната реализација на проектот, предвиден е вкупен капацитет од 10.000 тони јаболка што ќе се откупуваат од земјоделците во преспанскиот регион. Јаболката ќе може да се чуваат во временски период до 10 месеци, без притоа да се наруши квалитетот и класата на ова овошје.
„Епл Ленд“ се реши да инвестира во Македонија преку купување на градежното земјиште во ноември минатата година, за кое плати 4.361.743 денари (околу 70 илјади евра). Објектот ќе се гради на парцела од 61.433 метри квадратни и истиот ќе се издигне во висина од 12 метри. Проектант е „Иванов Инженеринг“ од Битола.