Од осумте субјекти кои во мај годинава доставија барање за учество во постапката за концесионирање на автопатишта што ја спроведува Владата на Македонија, пет конзорциуми ја поминаа предквалификационата фаза. Како што беше информирано на денешната владина прес-конференција, условите ги исполниле: конзорциум предовден од израелската компанија „Шиком Бинуи“ во соработка со „Групо Суарез де Коста“ од Португалија, конзорциум предводен од француската компанија „Буик Траво“ заедно со „ДТП Терасмент“ од Франција и „Интертол Јуроп“ од Унгарија, конзорциум составен од австриската компанија “Штрабаг“ и домашната компанија „Гранит“, конзорциум на грчката компанија „Актори Акто Консешнс“ и конзорциум предводен од „Алпине Бау“ од Австрија заедно со турската „Лимак“ и „Сома Ентерпрајз“ од Индија.
Сите пет конзорциуми се во игра за двата пакети кои се нудат. Во првиот се патните правци Крива Паланка – Романовце, Кочани – Штип и Миладиновци – Штип (преку Свети Николе), како и постоечките Миладиновци – Скопје и северната обиколница на Скопје. Вкупната должина на овие делници е 177 километри, од кои веќе изградени се 38 километри. Во вториот пакет се патните правци Стенковец – Блаце, Гостивар – Ќафасан и постоечкиот Гостивар – Скопје. Вкупната должина на делниците од овој пакет е 196 километри, од кои досега се изградени 54 километри.
Предквалификуваните фирми ќе можат да ја подигнат тендерската документација најверојатно до крајот на месецов, а присигање на понуди се очекува во првиот квартал од наредната година. Патиштата треба да бидат изградени во рок од седум години по потпишувањето на Договорот за концесионирање и според проценките ќе биде потребна инвестиција од околу милијарда евра. Евентуалниот концесионер патиштата ќе ги добие на управување во период од 35 години. Цената на патарините ќе се утврдува според методологија на Владата. Владата е должна да ја заврши и постапката за експропријација пред почетокот на градбата на патиштата.