Претходна статија
Ќе се изготвува проект за нов централен клинички блок во Клиничкиот центар во Скопје
Следна статија
„Струмица - гас“ ги доби лиценците за работа, граѓаните пројавуваат интерес за приклучок

Пешачкиот мост „Око“ ќе биде готов за четири месеци

Објавено на 23.01.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Општина Центар ја избра градежната компанија „Бетон“ од Скопје за довршување на изградбата на пешачкиот мост „Око“, кој треба да го поврзе Кејот 13 ноември со Археолошкиот музеј. Договорот бил потпишан на крајот од декември минатата година, а изведбените активности врз објектот треба да се завршат во период од четири месеци. Локалната власт се одлучи да го додели проектот на македонскиот градежен гигант во постапка со преговарање без јавно објавување на оглас. Вредноста на склучениот договор изнесува 76.584.956 денари или околу 1.250.000 евра. Во меѓувреме, локалната власт од Центар иницираше судска постапка против хрватски „Конструктор“ за неисполнување на договорените обврски и непочитување на временскиот рок за изградба на мостот. Оттаму напоменуваат дека ќе бараат надомест на штета од сплитската градежна компанија, по неодамнешното раскинување на договорот со оваа фирма.

 

Градежните активности на мостот „Око“ подолг временски период се замрени, работниците се повлечени од терен, а недовршениот објект е ограден за да се заштитат минувачите на кејот. Проектот доцни со реализација речиси две години, но и неговата првична финансиска конструкција од 1,5 милиони евра е надмината. Во меѓувреме, српската леарница „Јеремиќ“ ги изработи скулптурите што треба да се постават на пешачкиот мост. Се работи за 29 бронзени скулптури на благородници, антички и пајонски кралеви, кнезови и други ликови, чија висина ќе изнесува по два метри. Изградбата на мостот започна во септември 2009 година, врз основа на идејното решение на Борислав Јосифов и на професорот Коста Мангаровски.

 

 

» Форумска дискусија за мостот „Око“