Грчката компанија Павлидис С.А. Марбл-Гранит е новиот сопственик на Мермерниот комбинат од Прилеп. Холандската фирма Стоун Воркс Холдинг Кооператиеф У.А., која поседува 88,4% од акциите на Мермерниот комбинат од Прилеп, е купена од грчката компанија, а цената по која е извршено преземањето останува тајна. Комплетирањето на трансакцијата е условено од добивањето на потребните одобренија од Комисијата за заштита на конкуренцијата на Р.М.
Компанијата Павлидис С.А. Марбл-Гранит е грчки лидер во производството на мермер од 1980 година. Нивниот рудник за мермер се наоѓа во градот Драма, каде се произведуваат над 70.000 метри кубни мермер годишно. „Со задоволство го објавуваме договорот за купување на Стоун Воркс, мнозинскиот сопственик на Мермерен. Оваа трансакција ќе додаде вредност и синергија на двете компании, зацврстувајќи ја нивната позиција на меѓународните пазари“ изјави Никос Димарелис, генерален директор на Павлидис С.А. Поврзувањето на двата лидери на пазарот во сегментот на белиот мермер беше поздравено и од раководството на Мермерниот комбинат од Прилеп.