Статистиката вели дека во Европа на годишно ниво се пријавуваат околу 2 милиони пожари, кои предизвикуваат материјална штета од дури 126 милијарди евра. Во европските земји годишно од пожари умираат 4.000 луѓе, додека 70.000 лица се здобиваат со потешки или полесни повреди. Досегашните истражувања покажуваат дека во затворен простор се доволни само три минути за да се развие пожар што е многу тешко да се изгасне. Ваквите показатели се доволна причина за да се размислува посериозно за пасивната противпожарна заштита, која во огромен број на случаи може да спаси човечки живот и да превенира огромна материјална штета.
„Кнауф Македонија“ се одлучи да даде свој придонес во превенирањето и намалувањето на опасноста од ширење на пожари во објектите во нашата земја. Компанијата синоќа ја презентираше својата широка палета на градежни материјали Knauf FireWin, за внатрешна и надворешна примена, кои обезбедуваат високо ниво на пасивна противпожарна заштита. Пред бројните посетители во седиштето на „Кнауф Македонија“ беше реализирана симулација на пожар врз ѕид со канали за инсталации, изведен со иновативните материјали, од кои можеше на практичен начин да се согледаат предностите на производите.
Експертите на Кнауф во наредниот период им стојат на располагање на архитектите и изведувачите за совет во врска со противпожарната заштита и примената на градежните материјали при изведба и реконструкција на објектите. Со ставањето на производите под една капа, „Кнауф Македонија“ се обидува да обезбеди полесно планирање за архитектите и поефикасна изведба на противпожарната заштита во објектите од страна на градежните компании.
Широката палета на производи за пасивна противпожарна заштита Knauf FireWin вклучува противпожарни плочи, бои, малтери и манжетни, кои ја гарантираат својата издржливост во одреден временски период во случај на појава на пожар. Пред присутните гости, „Кнауф Македонија“ го претстави својот најнов материјал – Кнауф Vermiboard противпожарните плочи, кој во себе го содржи минералот Вермикулит. Со високата термоизолациска моќ што ја поседува Вермикулитот, овие противпожарни плочи обезбедуваат заштита од пожар до 240 минути.
„Дваесетина години заедно проектираме и изведуваме, заедно го градевме пазарот и новите материјали ги внесувавме во нашите објекти. Едно благодарам за тоа. Се надевам дека програмата за пасивна противпожарна заштита ќе отвори една нова страница од нашата соработка. Водејќи се од барањата на пазарот и штетите кои што пожарите ги прават, Кнауф се одлучи да развие една нова линија и со тоа да ги заокружи своите постоечки противпожарни системи“, истакна Велимир Петровски директор на продажба на „Кнауф Македонија“.