Претходна статија
На 7 декември предавање и проекција на филмот „Промена на идеалите, ре-креирање на слободните простори“
Следна статија
ФФМ ќе ја поддржи изградбата на нови трибини на стадионите во Чаир и Охрид

Партијата на зелените бара „Рекорд“ да прерасне во пешачка зона

Објавено на 04.12.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Наместо да господари сообраќаен метеж, од македонската партија на зелените бараат улицата „Димитрие Чуповски“ да прерасне во пешачка зона. „Младинската организација на ДОМ – МОДОМ има конкретен предлог до Град Скопје и до надлежните институции во врска со енормното загадување на воздухот. По примерот на повеќе европски зелени метрополи, каде што строгиот центар на градот е претворен во пешачка зона, МОДОМ предлага улицата „Димитрие Чуповски“ од крстосницата кај „Палома Бјанка“ до крстосницата кај Собранието на Република Македонија, да биде зелена зона за пешаци, велосипедисти и возилата на јавен транспорт“ се вели во соопштението на ДОМ.

 

 

Повеќе европски градови се одлучија за овој чекор во изминативе години, при што од регионот може да се набројат „Маријахилферштрасе“ во Виена, улицата „Словенска“ во Љубљана, но и улицата „Мајка Тереза“ во Приштина. И покрај следењето на идентичниот тренд, косовската метропола се соочи со зголемен сообраќаен метеж по претворањето на некогашниот булевар во пешачка зона, бидејќи не беше реализиран адекватен сообраќаен проект за намалување на сообраќајниот метеж на преостанатите улици во центарот на Приштина.

 

Градот Скопје уште пред четири години пристапи кон разработување на идејата за проширување на булеварот „Даме Груев“, со кој сообраќајот од „Рекорд“ би се пренасочил кон сообраќајницата што минува позади Собранието на Р.М. Ваквата идеја не беше преточена во целосна проектна документација, бидејќи се покажа дека дел од поранешната зграда на „Макотекс“ ќе треба да се руши, но и да се исече дел од дрворедот пред Градскиот ѕид и да се уништи постојниот паркинг на оваа фреквентна локација.