Претходна статија
Годинава ќе се градат 10 нови и ќе се реконструираат 60 стари училишта
Следна статија
Седма година ветувања за изградба на нов објект на Драмски театар

Партиите се скараа за натамошниот развој на Универзална сала

Објавено на 19.02.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија веќе втор ден ја критикува променливата политика на Градот Скопје и на Министерството за култура во однос на идниот развој на Универзалната сала. Роберт Алаѓозоски, претседател на Комисијата за култура на СДСМ, на денешната прес – конференција посочи дека скопскиот градоначалник Коце Трајановски и министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска пред неколку години ги излажале граѓаните дека постојниот објект нема да може да ја издржи реконструкцијата и дека ќе мора да се руши.

 

* Трудот за новиот објект нема да го доживее светлото на денот

 

 

Податоците од Бирото за јавни набавки говорат дека досега за овој проект биле случени два договори и тоа, едниот за изработка на Основен проект за објект Конгресен центар со универзална сала за сите фази и другиот за избор на ревидентска куќа за ревизија на Основен проект за сите фази. Двата заедно се во вкупна вредност од 435.000 евра и сега паѓаат во вода. Роберт Алаѓозоски праша дали повторно ќе се трошат нови средства од граѓаните за изработка на нов проект и како е можно да има 36 милиони евра за нова зграда на Народната банка на Македонија, а да нема пари за нов објект на Универзалната сала.

 

Од партијата ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека СДСМ неаргументирано критикува секогаш кога тие нешто градат или реконструираат. Владејачката партија во своето соопштение нагласува дека избраниот проект „Јајце“ е во сопственост на Министерството за култура и согласно законските прописи се исполнети сите обврски кон проектантите. „Владата на Република Македонија работи со анализи, транспарентно и одговорно. Оттука е и одлуката дека во овој момент кога се привршува новиот објект на Македонската Филхармонија, нема потреба од инвестирање 65 милиони евра во објект за нова Универзална сала“, инсистираат од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска и скопскиот градоначалник Коце Трајановски вчера најавија дека нема да се гради планираното јајцевидно здание на Конгресниот центар Александар Македонски. Одлуката била донесена поради фактот што новиот објект би го чинел државниот буџет од 60 до 65 милиони евра. Идејното решение за футуристичкиот објект беше изработено од бирото „Стоун дизајн“.