Претходна статија
Ќе се потрошат нови 700 илјади евра за дополнителни работи во „Стариот театар“
Следна статија
По осум месеци новите минибуси за ЈСП конечно пуштени во употреба

Паркирањето кај спортската арена „Филип II Македонски“ ќе се решава со подземни и катни гаражи

Објавено на 20.09.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Советот на Општина Центар на последната седница го усвои деталниот урбанистички план „Централно зеленило покрај реката Вардар“, со кој се предвидува изградба на две подземни гаражи за потребите на привилегираните лица кои ќе го посетуваат стадионот „Филип II Македонски“, како и две катни гаражи на местото на сегашните бараки на Град Скопје и на локацијата веднаш до спортската сала на клубот Работнички. Паркинг – просторот наменет за ВИП гостите кои ќе присуствуват на натпреварите ќе биде сместен на северозападната и североисточната страна на стадионот, поточно од левата и десната страна од т.н. кинески ѕид. Овие простори за паркирање во иднина ќе може да примат од 20 до 50 возила. Обичните граѓани кои ќе решат да ја посетат Националната арена ќе треба да ги паркираат своите автомобили во една од двете нови катни гаражи. Согласно со нивниот предвиден капацитет, тие ќе можат да примат вкупно 1.300 возила.

 

Планираната катна гаража спроти „Луна“ паркот ќе има максимална висина од 10,5 метри и 700 паркинг места. На локацијата на сегашните бараки во кои е сместена градската администрација е предвиден гаражен објект со дозволена висина од седум метри, кој би обезбедил простор за паркирање на 600 возила. Во најновиот план кој ја регулира поставеноста на објекти во Градскиот парк се вметнати и досега постоечките градежни маркички за објектите „Опатија“, „Езерце“, спортскиот објект „Работнички“ и т.н. кинески ѕид кој е означен со намена за хотел. На локацијата на постоечкото такси – стојалиште кај фонтаната на влезот од паркот ќе биде изграден паркинг простор за 91 возила. ДУП-от го изработи „ИНПУМА“.