Претходна статија
Скопски „Водовод“ ќе зема кредит за да ја догради барокната зграда
Следна статија
Ќе се доврши новата зграда на училиштето „Живко Брајковски“ во Бутел

Панорамското тркало ја достигна вредноста од 15,5 милиони евра

Објавено на 24.06.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Уште непочнато да се гради, Панорамското тркало на реката Вардар веќе ја надмина првичната предвидена вредност за негова реализација. На Градот Скопје му се потребни дополнителни 3,5 милиони евра за изградба на Панорамското тркало, кое е предвидено да се смести до Камениот мост. Со тоа, вкупната цена на овој објект достигна 15,5 милиони евра. На денешната седница на Советот на Градот се водеше голема дебата за тоа дали треба да се прифати ваквиот предлог на градската власт, а најжестоки во реакциите беа советниците на опозициската партија СДСМ. Тие се спротивставија на зголемувањето на трошоците, но и воопшто на изградбата на Панорамското тркало. Сепак, владејачкото мнозинство на крајот ја усвои одлуката за давање согласност и право на градење на пешачкиот мост и на Панорамското тркало. Скопскиот градоначалник Коце Трајановски напомена дека финансиските средства за овој проект ќе бидат обезбедени од македонската влада, а не од градскиот буџет.

 

 

 

За овој гигантски објект досега беше распишан еден тендер во ноември 2013 година. ЈСП Скопје досега нема потпишано договор за неговата изградба. Нивната првична проценка беше дека Панорамското тркало ќе чини 12 милиони евра. Објектот е со предвидена висина од 73 метри и дијаметар од 57 метри. Истиот ќе има 30 гондоли, а секоја од нив ќе може да собере осуммина возрасни и две деца. Проектната документација ја изработи австриската „a2 Hotelconcept GmbH“, за што веќе беа издвоени 30 милиони денари. Идејното решение за Панорамското тркало го изработи „Massabni architects GmbH“, исто така од Австрија.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект