Првата катна гаража во сопственост на Општина Центар денеска беше свечено пуштена во употреба. Објектот кој се наоѓа покрај булеварот Гоце Делчев, во близина на зградата на МРТВ и новиот Кривичен суд во изградба има шест надземни и едно подземно ниво. Од вкупната површина од 16.625 метри квадратни, околу 2.500 метри квадратни се деловен простор, а во гаражниот дел има место за паркирање на 497 возила. Паркингот ќе биде бесплатен до 1 април годинава.
Првичните рендери кои ги објави Општина Центар предвидуваа модерно здание, но во меѓувреме изгледот беше модифициран во стилот на „Скопје 2014“. Локалната самоуправа во објектот вложи 5.635.000 евра, пари за кои при почетокот на изградбата беше најавено дека ќе се обезбедат од комерцијален кредит и од продажба на деловниот простор. Изведувач на градежните работи беше „Бетон“ од Скопје, а проектот го изработи проектантската куќа „Мегарон“.