Денеска беше предадена во употреба новата автобуска станица во Гевгелија за локален и меѓуградски превоз. Станицата се простира на 2.723 метри квадратни и во нејзини рамки влегува објект со билетара и чекална со површина од 60 метри квадратни, пет покриени перони, како и паркинг простор за возила. Изградбата започна на крајот на минатата година и ја вршеше локалната градежна фирма „Еуроинг“. Финансиите за реализација на проектот во висина од 12 милиони денари беа обезбедени од буџетот на Општината, а стопанисувањето со објектот ќе го врши општинското комунално претпријатие. Новата автобуска станица се наоѓа во непосредна близина на постоечката железничка станица и е дел од концептот за современ транспортен центар во градот.