Руската нафтена компанија „Лукоил“ денеска ја отвори новата бензинска станица во скопското село Трубарево. Објектот со површина од 3.000 метри квадратни е изграден по новиот корпоративен стил на компанијата. Освен тоа што овозможува точење на горива, објектот се состои од маркет, паркинг за лесни и тешки моторни возила и филијала на банка, а во кругот на бензинската станица се наоѓа и центар за технички преглед на возила. На денешната свеченост присуствуваа министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, градоначалникот на општина Гази Баба Борче Георгиевски и амбасадорот на Русија во нашата земја Олег Шчербак.
Од „Лукоил“ информираат дека во новата бензинска станица во Трубарево се вработени 11 лица. Со новоотворениот објект, руската нафтена компанија поседува 28 бензински станици во Македонија, од кои осум се лоцирани во главниот град.